Гоце Неделкоски, професор во СОУ Ѓорче Петров Прилеп и дел од Жетва на знаење беше единствениот македонски професор кој учествуваше во панел дискусијата на пленарниот дел на меѓународната конференција во Торино, Италија во организација на Европската фондација за обуки ETF. На панел дискусијата на конференцијата тој зборуваше за проектот кој беше имплементиран во неколку прилепски и други средни училишта од Македонија, говорејќи за предизвиците со кои се соочувале и иднината на стручното образование.
„Станува збор за проектот digitalschool.mk кој го имплементиравме со колегата Влатко Бутлески, професор во СОУ Ристе Ристески Ричко. На оваа меѓународна конференција бевме поканети во рамките на делот успешни приказни, каде нашиот проект беше избран како еден од малкуте повикани да биде претставен на конференцијата. На панел дискусијата говорев за искуството и предизвиците кои ги имавме со колегата при имплементирањето на проектот кој беше воден од Здружението на граѓани – Жетва на знаење и во кој партнери беа 8 училишта за стручно образование и обука: СОУ Ристе Ристески Ричко од Прилеп, СОУ Горче Петров од Прилеп, СОУ Наум Наумоски Борче од Крушево, СОУ Крсте Петков Мисирков – Демир Хисар, СОУ Цар Самоил – Ресен, ОЕМУЦ Св.Наум Охридски – Охрид, СОСУ Св.Кирил и Методиј – Охрид, СОУ Таки Даскало – Битола, СЈО Јане Сандански – Битола, СОУ Орде Копела – Прилеп и СОЕПТУ Кузман Јосифиски Питу – Прилеп. Овој проект е наменет за подобрување на професионалните компетенции на наставниците и достигнувањата на учениците во училиштата за стручно образование и обука преку воспоставување нов концепт за дигитално учење и настава (Е-училишен концепт).
Во оваа дигитална ера каде учениците секојдневно користат компјутери, паметни телефони и разни гаџети, наставниците од 21 век треба да се прилагодат и усвојуваат нови наставни техники и вештини. Овој проект кој има се уште активна платформа обезбедува модел за наставниците за нови дигитални техники кои можат ефективно да се применат во наставниот процес. Овие вештини и техники ги подобруваат компетенциите на наставниците и го зголемуваат интересот кај
учениците. Преку интерактивни часови, студентите имаат деноноќно пристап до материјали за учење. Проценката на задачи, тестови и квизови е полесна и поприфатлива за студентите.
Новите модули
и приклучоци се тестираат и имплементираат на платформата digitalschool.mk. Инсталирани се нови подобрени додатоци за употреба на хемиски и математички формули.
На конференцијата која се одржа на 6 и 7 ноември во Торино, Италија учествуваа 250 учесници од Европа, Африка и Азија, а главното мото беше Вештини и квалификации – придобивки за луѓето. Покрај панел дискусиите, беа одржани и неколку работилници на кои кои присуствуваа и двајцата професори по информатика од Прилеп. На истите беа опфатени теми, како, влијанието на реформите во квалификациите и системите на земјите врз учењето и наставата, насоките за кариера и оценување, кои видови на вештини и квалификации им се потребни на луѓето и како ги стекнуваат, како треба земјите да ги менуваат наставните планови, наставата и учењето за луѓето да можат да имаат повеќе корист од вештините и квалификациите, како и тоа кои нови практики и алатки треба да се развијат.